Путин потврди дека ќе оди на самитот за Украина
0
19
Рускиот претседател Владимир Путин ќе учествува на меѓународниот самит за Украина кој треба да се одржи на 9 декември во Париз, соопшти денеска Кремљ. На самитот треба да се направи обид за унапредување на напорите за мирно решавање на конфликтот во источна Украина.
Претходно во петокот француските власти соопштија дека на самитот ќе учествуваат лидерите на Франција, Германија, Русија и Украина. Но, до денеска немаше официјална потврда од руските власти.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска потврди дека Путин ќе присуствува на самитот, но одби да каже кои се очекувањата на Москва.
Во судирите меѓу украинските вооружени сили и сепаратистите поддржани од Русија кои почнаа во април 2014 година во регионите Луганск и Доњецк досега загинаа повеќе од 13 000 луѓе.