Русија воведува одредби за масовно погребување за време на воена и вонредна состојба
0
48
Руските власти објавија нови одредби за забрзано масовно погребување на луѓе и животни кои умираат како резултат на воени конфликти или вонредни ситуации кои не се борбени, поттикнувајќи ги веќе зголемените тензии дека земјата можеби се подготвува да ја нападне Украина.
Документот со новите одредби е објавен на 20 декември на веб-страницата на Министерството за вонредни состојби. Новите правила предизвикаа тревога кај западните земји кои се загрижени што Русија распореди десетици илјади војници во близина на границите на Украина. Западните земји тоа го толкуваат како можна увертира за воена акција.
Колку долго Украина може да издржи евентуална руска инвазија?
Русија негираше дека планира да ја нападне Украина и упати низа барања, вклучително и директен дијалог со САД за решавање на безбедносните прашања. Москва бара гаранција дека Украина еден ден нема да стане членка на НАТО.
Документот за забрзано масовно погребување се однесува на оние кои загинале за време на воени конфликти или како резултат на вонредна состојба во мирнодопски услови.
Одредбите ќе стапат на сила од 1 февруари 2022 година. Регулативата не дозволува масовните гробници да се прават во близина на водоводни и канализациони системи, природни извори на минерална вода и реки и езера со нивоа на вода до два метри од површината на земјата.
Во документот се вели и дека регионалните власти ќе бидат одговорни за подготовка и извршување на работите поврзани со масовните погребувања.
Во тековниот воен конфликт меѓу проруските сепаратисти и вооружените сили на Киев во источните украински региони Доњецк и Луганск досега загинаа повеќе од 13 илјади луѓе, а раселени се повеќе од 1,5 милиони жители.