Кремљ се дистанцира од рускиот државјанин назначен за премиер на Донетск
0
19
Кремљ се дистанцира од именувањето на рускиот државјанин Владимир Пашков за вршител на должноста премиер на украинскиот сепаратистички регион Донетск. Коментирајќи ги написите во медиумите дека поранешниот гувернер на рускиот регион Иркутск е именуван за „вршител на должноста премиер на Донетската народна република“ портпаролот на Кремљ Дмитри Песков рече дека во тоа нема ништо контроверзно.
„Русија нема ништо со тоа. Тој не е официјално лице делегирано таму. Во овој случај изгледа како да се работи за приватно лице кое делува таму како обичен граѓанин на Руската федерација“, рече Песков.
Некои области од украинските источни региони Донетск и Луганск, познати како Донбас, од април 2014 година се под контрола на сепаратистите поддржани од Русија. Москва го поттикна бунтот во регионот по нелегалната анексија на украинскиот Крим во март 2014 година, но негира каква било инволвираност во конфликтот во која загинаа повеќе од 13 000 луѓе.