Русија ги преместува запленетите украински бродови пред можното враќање
0
18
Русија почна да ги преместува трите запленети украински воени бродови пред можното враќање назад на Украина. Трите брода денеска биле забележани како се влечат од источниот брег на Крим придружувани од руски воени бродови.
Високиот советник на украинскиот претседател Володиримир Зеленски, Андриј Јермак, вчера рече дека враќањето на бродовите е во „финална фаза“. Трите брода – два мали оклопни брода и еден брод за влечење, беа запленети од Русија кај брегот на Крим во ноември 2018 година.
Москва, чија анексија на Крим во 2014 година наиде на осуда во светот, тврдеше дека бродовите нелегално влегле во нејзини територијални води. Украина го негира тоа.
Во септември Русија ги пушти заробените морнари, како дел од договорот за размена на заробеници со Киев.
Новиот претседател Зеленски кој беше избран пролетоска веднаш почна да бара начин за окончување на конфликтот со Москва.
Во борбите меѓу украинските сили и проруските сепаратисти од 2014 година досега загинаа над 13 илјади луѓе.
Наредниот месец, лидерите на Германија, Франција, Украина и Русија ќе се сретнат во Париз во обид да најдат решение за конфликтот.