Трамп го засилува својот правен тим пред импичментот во Сенатот
0
24
Поранешниот независен советник Кен Стар, кој го отвори патот за импичмент на поранешниот претседател Бил Клинтон во 1998 година, и познатиот адвокат Алан Дершовиц му се приклучија на правниот тим на претседателот Доналд Трамп, објавија американските медиуми.
Процесот за импичмент на претседателот Трамп во Сенатот, во кој Републиканците имаат мнозинство, формално почна вчера, иако вистински ќе почне со работа на 21 јануари со воведните излагања. Процесот треба да утврди дали Трамп ќе продолжи да биде претседател или ќе биде отстранет од функцијата.
Претставничкиот дом, во кој Демократите имаат мнозинство, на 18 декември гласаше за отповикување на Трамп по две обвиненија поврзани со Украина – злоупотреба на функцијата и попречување на Конгресот. Тој е обвинет дека барал од Украина да го истражува неговиот политички противник Џо Бајден, кој е можен претседателски кандидат на Демократите за изборите кои треба да се одржат годинава.
Се очекува Сенатот да го ослободи Трамп од обвинувањата, имајќи предвид дека ниеден од 53-цата републикански сенатори не изрази поддршка за отповикување. За импичмент на претседателот е потребно двотретинско мнозинство.
Трамп негира дека направил нешто незаконско и го нарече процесот за импичмент срамен.